Смогот му се врати на Пекинг

 
 

По два месеца сини неба и локални власти кои собираа масовни хвалоспеви, небото над Пекинг повторно се врати на старите 50 нијанси смрдливо сиво.

Во понеделникот дневните мерења на квалитетот на воздухот во Пекинг покажа дека ПМ2,5 честичките (поштетните од ПМ10 честичките) стигнале до 213.

Овој пат наместо на стандардните виновници, индустриските корисници на јаглен, вината за влошениот квалитет на воздухот падна на луѓе што користат парфеми и спрејови за коса.

„Државните медиуми ископаа извештај објавен од пекиншкото Биро за заштита на околината во мај годинава, според кое штетните гасови од домаќинствата – што опфаќа сè од готвење до спрејови за коса, освежувачи на воздух и парфеми – се одговорни за 12% од вкупните штетни гасови во градот. Со ова домаќинствата се поставуваат на исто ниво како и индустриските загадувачи,“ се објаснува во текстот на Саут Чајна морнинг пост.

Штетноста на оваа група производи е потврдена од деканот на Академијата за еколошки студии на Пекинг, но од друга страна кинески научници објаснуваат дека би било тешко да се измери влијанието на овие производи врз квалитетот на воздухот:

„Тешко е точно да се посочи колку овие производи како гел за коса придонеле за нивоата на ПМ2,5 честички бидејќи групата на соединенија на која тие припаѓаат не се загадувачи сами по себе туку создаваат ПМ2,5 само по хемиска реакција. За сега можеме да имаме само проценки за употребата на  производи,“ објаснуваат од Пекиншкиот истражувачки институт за заштита на околината.

Според гореспоменатиот извештај најголемиот дел од загадувањето доаѓа од автомобилите.

Во минатогодишната акција против загадувањето кинеските власти ја забранија работата на индустриските капацитети во Пекинг и околните региони. Годинава, министерството за екологија објави дека ќе ја дозволи работата на железарите доколку тие ги исполнуваат воведените стандарди.

(43)

Вашиот коментар