Убиената тигрица намамена со помош на познатиот парфем „Опсесија“

По големата потера во Индија е убиена тигрица која наводно убила 13 лица, а ловците за да ја намамат го користеле машкиот парфем „Опсесија” на Калвин Клајн, изјавија индиски официјални лица.

Тигрицата позната како Т-1 е убиена во областа недалеку од селото Борати. Откако селаните ја забележале, бил испратен тим наоружан со пиштоли за успивање и пушки. Ловот на тигрицата во западната држава Махараштра траел околу две години.

Би-би-си објаснува дека во составот на парфемот на Келвин Клајн „Опсесија“, меѓу другото се наоѓа феромонот циветон,  а индиските експерти за диви животни одлучиле да го користат овој парфем откако американските научници претходно го користеле истиот парфем за да намамат јагуари.

Животното било погодено со куршум за успивање по што тргнал во напад на возилото во кое бил тимот. Тигрицата била убиена на растојание од околу 10 метри.

 
 

Во последните две години од тигрицата загинале 10 лица, а повеќе од 5.000 жители од областа во која таа се движела живееле во страв.

Последните жртви на тигрицата биле три лица убиени во август.

Во ловот биле користени повеќе од 100 стапици во форма на коњи и кози врзани на дрво, со дваесет и четири часовен видео надзор преку поставени мониторинг станици и вооружени чувари, објави Би-би-си.

  
 

Се чини дека тигрицата вкусила човечко месо бидејќи најмалку една жртва била пронајдена со оттргната нога. Дописникот на Би-би-си пренесе дека Т-1 можеби продолжила да ги напаѓа луѓето откако еднаш веќе нападнала додека паселе добиток во шумата.

На селаните им е забрането од владата да ги пасат своите говеда во резерватите а тие ги носат во шумата, бидејќи има малку сточна храна во близина на нивните домови.

Со повеќе од 2.200 големи мачки на нејзината територија, Индија е дом на 60% од светските тигри.

loading...

 

(76)

Вашиот коментар