Фиренца забрани јадење на улица

 
 

Градскиот совет во Фиренца им се закани на туристите со драконски казни – до 500 евра – ако јадат на улица во центарот на градот.

Градоначалникот Дарио Нардела ја прогласи забраната во вторникот, откако жителите и сопствениците на продавниците се пожалија за овој наводен проблем на познатата улица Виа де Нери, позната по своите ресторани и продавници за деликатеси, објави британскиот весник „Дејли експрес“.

Забраната важи само за оваа улица и нејзината непосредна околина, вклучувајќи ја и улицата што води кон галеријата „Уфизи“. Исто така, забраната важи само за време на ручекот и навечер. Календарски, забраната е во сила до 6 јануари.

„Забрането е консумирање храна шетајќи по тротоар, како и на прагови од продавници и куќи, односно на улица“, се вели во текстот на оваа регулатива, во која се наведува дека жителите побарале полицијата да интервенира за да ја направи областа поднослива за живот.

„Новото правило не е насочено кон туризмот, туку кон необразованите посетители кои кампуваат на улица со својот ручек. Тоа не е казнена мерка, туку средство за одвраќање. Ако туристите се однесуваат во Фиренца како што се однесуваат дома, тие секогаш се добредојдени, особено доколку сакаат да ги вкусат нашите гастрономски специјалитети“, ја објасни Нардела оваа прилично невообичаена одлука и додаде дека во моментов жителите не можат да влезат во своите домови поради туристите кои често седат пред прагот на нивните порти.

(28)

Вашиот коментар