Alibaba „растури“ со продажба на Денот на самците

 
 

Десеттата по ред распродажба за Денот на самците која се одржа вчера ѝ донесе 30,8 милијарди долари на компанијата Alibaba, а со тоа беше поставен нов рекорд за дневна заработка.

Вчерашната заработка е за 27% од заработката која беше остварена лани на истиот ден (25,3 милијарди) а беше помогната од онлајн продажбата на брендови кои постигнаа договор со Alibaba, како и од потрошувачките навики на кинеската средна класа која е опседната со технологија.

Сумата која ја заработи Alibaba во само еден ден сериозно ги надминува заработките на американските платформи за онлајн купување. Најголемата заработка на Amazon беше забележана оваа година во јули, на така наречениот Prime Day, кога компанијата заработи околу 4 милијарди долари, продавајќи 100 милиони производи низ 17 земји.

Во меѓувреме, заработката забележана на Црн петок изнесуваше околу 14,05 милијарди во онлајн продажба во текот на четири дена, а 6,56 милијарди беа заработени во Сајбер понеделникот.

Иако е корисно да се споредат Alibaba и Amazon, сепак споредбата не е фер во однос на американската платформа. Низ светот обично Alibaba се доживува како платформа на која можете да најдете сѐ: од храна, домашни производи па до накит, автомобилски делови и облека.

Сепак, има причини поради кои можеме да бидеме скептични околу овие бројки. Извештаите на Alibaba се базирани на вкупната вредност на стоката (GMV), која Bloomberg ја смета за недоволно точна мерка која не е соодветна со конечниот профит. Проблемот е што не постои стандардизирано мерење на GMV, па затоа компанијата која продава може во конечната бројка да ги смета и производите кои всушност никогаш не се доставени на адресата на потенцијалниот купувач.

(49)

Вашиот коментар