Свадбари ли се или хулигани? Се скарале за музиката, летале столици…

 
 

Ретко виден хаос, барем што се однесува до свадби, се случил во турскиот град Адана. Почнал поради „спор околу музиката“, а ескалирал со гаѓање со столици помеѓу гостите од страна на невестата и гостите од страна на младоженецот.

Имено, недоразбирањето настанало бидејќи двете семејства доаѓаат од различни региони на Турција, а роднините и од едната и од другата страна сакале да се свири традиционална музика од нивниот крај. Диџејот се обидел да ја смири тензијата со предлог да пушта наизменично од двата типа народна музика, но и тоа не траело долго. Напротив, наскоро дошло до нова кавга – сватовите меѓусебно се обвинувале дека играат само на „својата“ музика.

Во меѓувреме, соседите уредно ја документирале „битката“ на камера, а неименуваната невеста и младоженец елегантно го напуштиле „бојното поле“ и си заминале со автомобил, оставајќи ги сватовите да си ги мерат… традициите.

До примирје дошло дури откако пристигнала полицијата. Интересно е што никој не бил уапсен, бидејќи никој не сакал никого официјално да обвини.

(263)

Вашиот коментар